Атина, поднесете план!
6 февруари 2015Динамичните момци од Атина тоа си го замислија толку убаво: тура низ Европа со лет во економска класа - Лондон, Париз, Брисел, Берлин, Франкфурт на Мајна, за да агитираат за разбирање, да молат за трпение и, се разбира, за пари. Или подобро, за отпишување на долговите. Па така, час станува збор за отпишување, час за „вечни“ обврзници (кои би доспевале на куков ден, значи никогаш), час за продолжување на терминот за исплата. Ова е гарнирано со аргументи како: помошта од милијарди евра од ЕУ и ММФ (Меѓународниот монетарен фонд) ја притиска земјата, оти врз веќе огромниот рид од долгови се товарат нови долгови.
Она што недостасува е: план.
Грција е параден пример за клиентелистичко стопанство и корупција, за предимензионирана бирократија во споредба со минијатурните стопански постигнувања, кои се соодветни на приближно еден десетти дел од француските. Може да потрае и цела година додека некое старт-ап претпријатие ги добие сите потребни дозволи. Со покачувањето на минималната сатнина Алексис Ципрас не ќе може да ја сузбива огромната невработеност на младите во неговата земја, како ни со илјадници службеници, за кои наумил повторно да ги вработи.
Веројатно беше со многу симболика да се патува прво во Брисел за челните Европејци да се убедат дека намерата им е да останат во ЕУ и да го зачуваат еврото. Но, поитно господин Ципрас требаше да патува во Шпанија, Летонија и Ирска. И таму кризата остави длабоки траги, а луѓето страдаа. Но, тамошните влади ги спроведоа до крај плановите за штедење и сега можат да се видат првите успеси. Така беше и во Грција: пред три години минус десет проценти стопански постигнувања, а сега може повторно да се види плус - иако минимален. Но, Грците го загубија трпението и на изборите се решија поинаку.
Сега играта почнува од почеток.
Донаторите на пари реагираа прилично кул на исфрлањето на омразената тројка од страна на Грција. Само неколку часа откако министрот за финансии од Атина си замина од Европската централна банка (ЕЦБ), таа соопшти дека од наредната недела веќе нема да прифаќа безвредни обврзници на грчките банки како гаранции. Тоа не е ништо друго, туку реакција на најавата на новата влада во Атина да и’ стави крај на програмата за штедење. Но, токму таа програма беше услов за да смеат од страна на ЕЦБ да бидат прифатени како залог толку лошо вреднувани обврзници. Шефот на ЕЦБ, Драги, можеше да му го каже тоа на својот посетител и за време на разговорот. Но, не го стори.
Покер со милијарди
Тројката притоа е уште и најмалиот проблем. Може едноставно да се отстрани етикетата и Атина ќе мора тогаш да преговара во одвоени разговори со тројцата донатори на пари - ЕУ, ММФ и ЕЦБ. Тоа е гола симболика и можеби во предизборната камапња чудесно служеше како симбол за закана. Но, долговите не исчезнаа поради тоа и договорите не се ништовни само затоа што во Атина на власт е нова влада.
Тројката не ја дотера Грција таму, каде што е таа денес. Тоа беа очигледно неспособните влади во Атина во изминатите легислативни периоди.Тоа беа неспособните бирократи во Брисел, кои им веруваа на статистиките од Атина.
За да се доведе работата до (добар) крај, сега има само два пата: или државен банкрот на Грција, поврзан со напуштање на еврозоната, или пак некој европски Маршалов план за Атина, со кој вистински ќе се поттикне стопанството на земјата. Проблем е што и тука донаторите ќе постават услови - значи, тоа не личи на некој добар план. Наместо бескрајна криза и продолжено алиментирање, значи, поради крај со ужас, отколку ужас без крај.
Освен ако трупата на Ципрас не извади некој сензационален ас од ракавот и има некој уште подобар план. Само, мене не ми се верува.