„Атентат“ врз фигурата на Хитлер во музејот „Мадам Тисо“ во Берлин
6 јули 2008Посетителите на Музејот на восочни фигури Мадам Тисо на познатиот берлински булевар „Под липите“ не можеа да се изначудат. Фигурата околу која се водеше најжестоката дебата спроти отворањето воопшто ја немаше на првиот ден:
„Фигурата ја немаше, тука беше само празниот бункер.“
„Тоа е всушност првата фигура и токму нејзе ја немаше.“
„Ја имаше само празната работна маса.“
Веќе вториот посетител ја оштети фигурата
Да, восочната фигура на водачот на нацистите, Адолф Хитлер мораше да биде остранета само неколку минути по свеченото отворање на Музејот „Мадам Тисо“ во Берлин. Веќе вториот посетител ја нападна и тешко ја оштети фигурата. Првиот посетител беше сведок на настанот:
„Па, во 10 часот беше отворено и мене посебно ме поздравија како прв посетител. Кога дојдов до Карл Маркс, тоа а втората фигура, тогаш сторителот се втурна кон фигурата на Хитлер зад неговата работна маса, ја собори од столицата и извикуваше: никогаш повеќе војна!“
41-годишниот Германец беше совладан од осигурувањето на Музејот и потоа лишен од слобода по доаѓањето на полицијата. Тој е обвинет за причинување материјална штета и нанесување телесни повреди на персоналот на обезбедувањето на Музејот.
Фигурата и претходно беше оспорувана
Околу нејзиното изложување се водеше остра дебата во јавноста уште пред отворањето. За многумина имено беше незамисливо во близината на поранешната канцеларија на Фирерот во Берлин и исто толку блиску до споменикот на холокаустот да се најде повторно водачот на нацистите – макар и како восочна фигура. На критичките забелешки во германската јавност околу поставувањето на фигурата, управата на Музејот одреагира со политички фер-плеј и го постави поранешниот диктатор во сепаре што наликуваше на неговото последно засолниште во еден бункер и го прикажа како остарен и очаен:
„Тој стои и во Музејот во Лондон и тоа во многу моќна поза, што овде не е случај. Овде седи и наликува на скршен остарен човек во последните денови од животот“ – појаснува менаџерката на Музејот Мадам Тисо, Сузане Келер. Таа уште додава дека испитувањата на јавното мнение покажале оти Германците сакаат да ја видат фигурата на Адолф Хитлер.
Сега, фигурата што чинеше 200.000 евра и за која 20 соработници потрошија цели 4 месеци, подолго време ќе ја нема во поставката.