Американските дипломати се селат во центарот на Берлин
4 јули 2008„Паризер плац 2“ - американските дипломати во Берлин, за оваа нова проминентна адреса, мораа да чекаат повеќе од десет години. Затоа свеченото отворање на новата зграда, за американскиот амбасадор Вилјам Тимкен има историско значење.„Ова не е само отворање на нова зграда, туку денеска пишуваме историја“.
Многу Берлинчани не веруваа дека зградата којашто се наоѓа веднаш до Бранденбуршката капија некогаш ќе биде завршена. Британците и Французите одамна ја пресекоа црвена лента на нивните амбасади во срцето на Берлин, додека Американците се уште планираа.
Архитектите треба да ги имаат в предвид безбедносните мерки
Во средината на деведесеттите години тимот на американскиот архитект Џон Рабл го нацрта првиот проект. Тоа требаше да биде убава и практична зграда, објаснува Рабл, но насмеано констатира „Тогаш никој не ни бараше посебни безбедносни мерки, за тоа воопшто не се зборуваше.“
Во меѓувреме се случија нападите врз американските амбасади во Кенија и Танзанија во кои имаше многу жртви и архитектите мораа да цртаат нови планови. Американската влада постави нови безбедносни стандарди за своите амбасади кои мораа да се вметнат и во градежните планови. По нападите од 11 септември барањата за безбедност уште повеќе се зголемија. Американските безбедносни стандарди не се однесуваат само на зградата, туку и на нејзината околина.
Амбасадата е функционална
Предложија да се промени движењето на сообраќајот и луѓето по околните улици за да може да се зголеми безбедноста кај амбасадата. Сенатот на Берлин сметаше дека таквите мерки се преувеличени. Берлинчани и туристите може и понатаму слободно да шетаат на Паризер плац. Забрана за движење околу Бранденбуршката капија не доаѓа в предвид. Компромисот е пронајден по долги преговори и архитектот Рабл мораше да црта нов план. Така од првичниот нацрт не остана многу, особено откако американскиот конгрес драстично го намали буџетот за градбата. На крајот е изградена амбасада којашто во прв ред е функционална. Зградата е затворена и тешко пристапна.
Амбасадата пред се’ е зграда со канцеларии во којашто се работи го опишува амбасадорот Тимкен своето ново работно место „Од безбедносни причини овде ќе се влегува само со покана. Нашата амбасада никогаш нема да биде отворена куќа“.