Албанија под чизмата на корупцијата
21 јануари 2011За албанската јавност, обвинувањата за корупција и непотизам не се ништо ново, сепак овојпат скандалот предизвика бурни реакции. Претставниците од цивилното општество излегоа на демонстрации и бараа оставка од Мета, а опозицијата побара оставка од целата влада. Михаел Вајхерт, раководител претставништвото на Фондацијата Фридрих Еберт во Тирана истакнува:
„Токму поради тоа што борбата против корупцијата е една од клучните чекори и мерила за способноста на Албанија за интеграција во ЕУ, овој случај предизвика големо внимание и бурни реакции во албанската јавност.“
Бериша во одбрана на коалициониот партнер
Албанскиот претседател Сали Бериша му притрча на помош на малиот партнер, Социјалистичкото движење за интеграција, но сепак значаен за владејачката коалиција. Без да ги почека резултатите од истрагата, тој рече дека видеото е фабрикувано од политичките противници, и ги нападна медиумите и програмските уредници на телевизијата Топ ченел, која ја објави снимката. На жестоката парламентарна седница, одржана неделава, на која за малку ќе дојдеше до физички пресметки, Бериша со часови ја навредуваше опозицијата и притоа целосно заборави на протоколот и парламентарните норми на однесување. Михаел Вајхерт вели:
„Поларизираните политички кавги се разочарувачки, но не изненадуваат тврдењата дека снимките се дело на опозицијата. Сметам дека треба да се почека надлежните институции да го испитаат случајот, пред да се означи како ирелевантен и за тоа да се обвинат други политички институции.“
Како и кај другите случаи сите погледи сега се вперени кон државното правобранителство. Во рамките на истрагата тие го сослушаа поранешниот министер за енергетика Дритан Прифти. Државното обвинителство побара помош од странски експерти за проверка на автентичноста на видео снимките, наводно поради тоа што немаат соодветна техника и искуство. Некои албански критичари сметаат дека тоа го прават оти се плашат, и додаваат дека во овој случај има цврсти докази.
Расте незедоволството кај Албанците
Но, во една друга правна дискусија, која деновиве се води во медиумите, се навестува негативен исход. Притоа се поставува прашањето дали илегалната снимка смее да се користи пред судот. Имено, видео снимката и другите документи, за кои зборува поранешниот албански министер за економија и енергетика Дритан Прифти, се нелегални снимки.
„Доколу видео снимката и другите докази не се манипулирани, државното обвинителство ќе покрене обвинение“, вели за Дојче веле портпаролот на Врховното државно обвинителство во Тирана, Платор Нестури, и додава: „Но, не можам да кажам дали судот ќе ја одобри тужбата.“
Албанија е далеку од правна држава, од политички структури и правда кои сериозно го сфаќаат справувањето со корупцијата. Опозицијата повика на демонстрации, со цел да се распишат предвремени избори. Во форумите на интернет граѓаните го изразуваат своето незадоволство поради корупцијата и користењето на политичките функции за сопствено нелегално богатење, како и поради немањето политичка волја за правно решавање на таквите случаи.
Сегашната политичка ситуација во Албанија многумина ја сметаат за навраќање кон случувањата од 1997 година и стравуваат од немири.
Автор: Пандели Пани / Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Симе Недевски